1.12
Насочено слушање музика

Matona mia cara (Драга моја Матона), Орландо ди Ласо
Едно од најилустративните дела што ја открива многустраноста на Орландо ди Ласо. Оваа композиција претставува виланела – световна вокална форма која, заедно со сродни жанрови како вилота, фротола и канцонета, се развива во Италија како обид на тамошните композитори да се оддалечат од доминантното фламанско влијание во музиката на XV век.

Echo (Ехо), Орландо ди Ласо
Композицијата „Ехо“ претставува типичен мадригал, форма во која Орландо ди Ласо се изразувал со голема слобода и креативност. Најголем дел од своите мадригали ги компонирал за време на престојот во Рим, при што користел широк спектар на текстови – од лесни, световни стихови, до поетски дела на Франческо Петрарка. Во мадригалите Ласо вешто применува тонско сликање на текстот, што е карактеристично за оваа форма, како и колористички контрасти, особено изразени во композицијата „Ехо“. Ласо тука употребува ритмичка имитација, која создава динамика и изразност.

Gloria (Миса за Папата Марчело), Џовани Пјерлуиџи да Палестрина
Палестрина е еден од најплодните композитори на миси во историјата на музиката, со над сто напишани миси. Најпозната меѓу нив е Missa Papae Marcelli – дело што се смета за врвно остварување во неговиот богат творечки опус. Компонирана околу 1562–1563 година, оваа миса е посветена на папата Марчело II.

Credo (Миса за Папата Марчело), Џовани Пјерлуиџи да Палестрина
Палестрина е еден од најплодните композитори на миси во историјата на музиката, со над сто напишани миси. Најпозната меѓу нив е Missa Papae Marcelli – дело што се смета за врвно остварување во неговиот богат творечки опус. Компонирана околу 1562–1563 година, оваа миса е посветена на папата Марчело II.

Мадригал Ohimè se tanto amate (О, ако сакаш толку многу), Клаудио Монтеверди
Монтеверди е првиот голем оперски композитор кој значаен дел од своето творештво му го посветил на мадригалот како форма. Во периодот од 1587 до 1651 година тој објавил вкупно девет книги со мадригали, во кои се присутни сите клучни карактеристики на мадригалот од XVI век. Монтеверди умешно ја следи содржината на текстот преку музички средства – применува умерена полифонија и создава колористички контрасти кои ја засилуваат драматичноста и изразноста на поетската порака.

Алелуја од ораториумот „Месија“, Г.Ф. Хендл
Ораториумите на Хендл се базирани на библиски текстови, главно од Стариот завет, но тој ги доживувал како театарски, а не црковни дела. Преку нив, со херојски теми и колективни пораки, ѝ се обраќал на публиката со идеи за страдање, ослободување и надеж.

Музика на вода, Г.Ф. Хендл
„Музика на вода“ е оркестарска свита составена од 20 ставови, напишана за изведба на отворено и наменета за широка публика. Делото содржи народни мотиви, танци, фанфари и има свечен, помпезен карактер. Премиерно било изведено во 1717 година на реката Темза во Лондон, по нарачка на кралот Џорџ I, како дел од концерт приреден за кралскиот двор и граѓаните.

Lascia ch'io pianga (Остави ме да липам), арија од операта „Риналдо“, Г.Ф. Хендл
Оваа прочуена арија на Хендл првично се појавува како сарабанда во операта „Алмира“ (1705), потоа во ораториум (1707), а конечно стекнува светска слава во операта „Риналд“о (1711). Нејзината едноставна, но длабоко емоционална мелодија ја направила неразделен симбол на успехот на целата опера. Lascia ch'io pianga станала култен музички момент, снимана од бројни пејачи и користена во филмови како „Фаринели“ (реж. Жерар Корбју) и други.

Прелудиум и фуга во Це-дур од збирката Das Wohltemperiertes Klavier, Ј.С. Бах
Делата за пијано и оргули заземаат централно место во творештвото на Јохан Себастијан Бах. Особено значајна е збирката „За добро темпериран клавир“, составена од две тетратки со по 24 прелудиуми и фуги, по едно дело во секоја од сите тоналитети. Прелудиумите се разновидни – некои се лирски, други имаат танцувачки ритам или дидактичка функција. Фугите пак, го прикажуваат Бах како врвен мајстор на полифонијата.